„Оваа егзибиционистичка и лоша политика која ја води Владата не доведе до една ваква ситуација и ВМРО-ДПМНЕ многу пати до сега предупредуваше дека на овој начин практично билатералниот спор ќе стане мултилатерален. Односно сега ќе стане спор помеѓу Македонија и Европската Унија, нема да биде веќе Македонија и Бугарија“, изјави Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното гостување на Македонската телевизија во емисијата „Отворено студио“.
Мицкоски смета дека тоа е огромна и катастрофална грешка која ја направи оваа Влада, бидејќи не ги отпочна преговорите. Повторно лажни вести кажува во јавност, односно го манипулира сопствениот народ. Ако ги отпочнеа преговорите чуму сето ова околу менувањето на Уставот и не требаше да имаме дополнителни услови бидејќи Албанија нема.
Тој додаде дека тоа значи дека ние имаме дополнителен услов. Дека не сме ги почнале тие преговори што значи дека власта направи грешки и отстапки, а не добија ништо за возврат.
„Тоа што тие го погрешија, треба да го корегираме, тоа е задачата на идната Влада, тоа е задачата на ВМРО-ДПМНЕ како идна Влада да тоа го корегира, репреговара и цениме дека тука треба да има сериозен капацитет од страна на Европската Унија и поддршка од меѓународната заедница да се репреговараат тие позиции, бидејќи тие позиции и овие околности во кои сега се наоѓа Македонија не нудат европска иднина“, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека нема Француски предлог, туку дека има бугарски договор.
„Ние сме подготвени со формирањето на новата Влада да седнеме со нашиот источен сосед и да го репреговараме оној дел кој цениме дека не нуди иднина, односно не нуди интеграција туку напротив не фрустрира. Има за обид да ја оддалечи Македонија од Европската Унија и подготвени сме буквално да инсистираме на тоа да седнеме на маса и се надеваме дека со поддршка на нашите пријатели од меѓународната заедница тоа ќе го издејствуваме“, кажа Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека доколку не наидат на соговорник од другата страна, тогаш ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да собере 61 пратеник во Парламентот и да го напушти договорот со нашиот источен сосед, бидејќи тој договор не е ниту договор за пријателство, ниту е договор за добрососедство, а тоа можеме да го видиме преку последното однесување од страна на нашиот источен сосед.