Претседателот на Собранието Талат Џафери за утре во 11:00 часот го закажа продолжението на 88. седница на која се очекува да заврши расправата и да се гласа за избор на Ристо Пенов за нов министер за локална самоуправа, а потоа и на двата предлози за уставни судии.
На денешната средба со новинарите, одговарајќи на прашањето дали досега имало ваков случај на незавршена дебата во собраниска комисија да се отвори и да се гласа на пленарна седница, Џафери рече дека за кандидатите за уставни судии се гласа поединечно, но и дека во 2012 година за Буџетот извештајот од комисиската седница го потпишало мнозинството.
Претседателот на Собранието најави и дека оваа 88. седница, на која се и закони поврзани со мерките за справување со енергетската криза, но и законите за здруженија и фондации и за политичките партии, би требало да продолжи од понеделник.
Џафери на денешната средба со новинарите информира дека за утре закажал состанок во рамки на процесот „Жан Моне“, но од неговиот Кабинет подоцна соопштија дека состанокот е одложен поради продолжението на 88. седница. Дополнително ќе биде известено кога ќе биде закажан овој состанок, на којшто се разгледува Деловникот за работа на Собранието. Џафери истакна дека на Собранието му е потребен нов Деловник за работа.