Албанскиот премиер Еди Рама за време на посетата на општина Камез ги повика младите да не трошат 10.000 фунти за да избегаат со чамец во Велика Британија, туку овие пари да ги инвестираат во земјата на нивните родители, јави дописничката на МИА од Тирана.
Тој нагласи дека секој млад Албанец, доколку повеќе се посвети на работата, ќе заработи повеќе отколку во Велика Британија, мислејќи на Албанците кои се занимаваат со чесна работа, а не со криминал.
– Парите што ги трошите во Англија, инвестирајте ги во земјата на вашиот татко и дедо и ве уверувам дека ќе заработите повеќе отколку таму. Секогаш зборувам за оние кои работат чесна работа, а не за оние кои се занимаваат со криминал, рече Рама.
Младите Албанци масовно ја напуштаат земјата, пред се од северниот дел, кои за високи износи на пари илегално минуваат од Франција на британска територија, со моторни чамци преку Ла Манш.
Само годинава нивниот број надминува 12 илјади, а бранот на миграција не стивнува.