Пратениците од владејачките партии молчеа, а тие од ВМРО-ДПМНЕ ја искористија седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, да го повикаат државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да ја повлече кандидатурата за уставен судија. На дневен ред на  седницата е  расправа за Годишниот извештај за работата Советот на јавните обвинители за 2021 година. „Не се кандидирав јас самиот, туку кандидатурата е од луѓе кои ја оцениле мојата работа“, кажа Јовески на седницата.

На седницата дискутираа само пратениците на опзициската ВМРО-ДПМНЕ, кои повеќе се фокусираа на кандидатурата на актуелниот јавен обвинител Љубомир Јовески за член на Уставниот суд.

Пратеничката Ели Панова директно побара од Јовески да ја повлече кандидатурата за уставен судија.

Една од причините за губење на довербата на граѓаните во судството и обвинителството е вашето кандидирање за уставен судија. Гледајќи ја вашата биографија, јас би рекла дека да сум на ваше место во моментот би ја повлекла кандидатурата за уставен судија и на тој начин би покажала со личен пример дека подобрувањето на довербата со правосудството и обвинителството може да почне од денеска“, рече таа.

Она што за мене е поразително, потенцира Панова, е тоа што всушност ние по овој извештај не можеме да реагираме ништо и да преземеме апсолутно ништо заради тоа што дури 2022 година е завршена и буквално ние неколку дена „ќе зборуваме за ланскиот снег”.

Од 33 кривични дела поврзани со корупција наведени во извештајот, Обвинителството дава податоци само за три. Никаде не се споменуваат другите како што се несовесно работење во службата, измама во службата итн. Дали некој во Обвинителството воопшто истражува или едноставно ја разгледува работата на обвинителите? Во Република Македонија, впечатокот за работата на обвинителството и судството го креираат неколку предмети. Никој не кажува дека обвинителството не постапува навремено за сообраќајни незгоди, за одредени кражби, одредени предмети кои што се сработени од страна на Министерството за внатрешни работи, меѓутоа веќе и сме виделе дека во земјава изразот дека одговараат луѓето за украдени ќебапчиња, а големите функционери апсолутно никој не ги чепка“, рече таа.

Колку и да вложуваме во Академија за судии и јавни обвинители, колку и да вложуваме во кадри, доколку ги научиме дека сервилноста кон политиката е нешто нормално коешто треба да го прават сите обвинители и судии, ние нема да имаме подобрување, посочи пратеничката Панова.

Јавниот обвинител Јовески одговарајќи ѝ на Панова за повлекување на кандидатурата за уставен судија, рече тој не се кандидирал самиот, туку дека бил кандидаиран од луѓе што ја вреднувале неговата досегашна работа.

Велите да се повлечам од кандидатурата за уставен судија. Јас ви благодарам на советот, но јас воопшто не се кандидирав за уставен судија. За разлика од вас, имаше луѓе кои што ја вреднуваа мојата досегашна работа и кои што сметаат дека јас можам успешно да ја извршувам таа функција . И првата моја изјава беше ‘ако некој ми укаже таква доверба, јас ќе ја прифатам, а не дека јас барам’. Напади за мене доаѓаат од некомпетентни луѓе, од луѓе што немаат надлежност ниту да ја проценуваат мојата работа, ниту се упатени во мојата работа. За мојата работа можат да зборуваат моите колеги кои што знаат како работам, што работам, дали јас се мешам во работата, дали работам спротивно на закон или не, рече јавниот обвинител.

Тој посочи дека е горд на неговото минато, на неговата професија и на она што ѝ го дал на професијата и посочи дека ако не ги гледа неговите успеси, тоа е прашање на пратеничката Панова.

Јас не сум на трон, јас не владеам во Обвинителството. Јас сум јавен обвинител на Република Македонија и моја надлежност е да раководам со Јавното обвинителство и при тоа без разлика како вие го гледате, длабоко сум уверен дека во овој период тоа успешно го остварувам. Можеби вас ве погодува токму тоа што Обвинителството работи. Нема никаква борба помеѓу мене и Русковска. Има борба за владеење на правото, за правичноста, за обезбедувањето на доказите, за секој да го знае своето место во рамки на Законот за кривична постапка. Мислам дека во тој дел Обвинителството доволно беше транспарентно и објави во кој дел и за што беше извршен надзор во работењето и зошто е суспендирана обвинителката Рускоска. Воопшто не станува збор дека причината за нејзината суспензија е само заради предмети што биле отворени за моќни функционери, рече Јовески.

Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, во овој извештај има заклучок, но нема никакви препораки.

Обвинителот, кој што бил судија, кој што поминал мал милион позиции во Јавното обвинителство не знае дека на крај на секој извештај треба да има препораки по кои што ние треба да дискутираме или треба да дискутираме за статистиките кои што ни се доставени – бројки кои што ние не сме експерти и не можеме да ги толкуваме. Во најголем дел можеби и ќе се согласиме со тоа што пишува во статистиките, рече Ковачки.

Седницата треба да продолжи попладнево.