На полноќ истекува рокот во кој бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ треба да побара од централниот регистар да го смени своето име. Оттаму до крајот на работното време, не добиле ново барање за преименување, освен она за „Цар Борис Трети“. Утре до Министерството за правда ќе достават список со здруженија кои треба да се анализираат. Став треба да испрати и комисијата за употреба на имињата. Од правда, пак, треба да изготват решение најдоцна за еден месец.
Сител дознава дека петтленото тело ќе заседава во понеделник, а на состанокот ќе се разгледуваат и предлозите за ново име на клубот „Цар Борис Трети“. Засега не е познато колку предлози се во игра, ниту кои се имињата.
Премиерот вели дека клубовите кои нема да ги сменат имињата, ќе бидат избришани.
„Сите имаа време да ги усогласат имињата согласно новиот Закон. Тие кои го направиле тоа, ќе продолжат да работат, другите нема. Еден клуб, како што разбрав, поднел барање до Централен регистар за промена на името. Штом тоа ќе го направат, ќе продолжат со работа, бидејќи културните клубови треба да бидат места кои ги зближуваат граѓаните “ – Димитар Ковачевски, премиер
И поранешната советничка на бугарскиот екс премиер, Петков, смета дека бугарските клубови треба да се прекрстат и признава дека за влошените односи вина има и Бугарија.
Здружението„Цар Борис Трети“ пред 6 дена побарало од централниот регистар промена на името, за разлика од „Ванчо Михајлов“ чии основачи одбија преименување и најавија тужба против државата.