Расте револтот кај здравствените работници поради неисплатените плати. Денеска први незадоволството пред Фондот го изразија од Независниот медицински синдикат. Тие побараа да бидат примени на средба во ФЗО, но не беа пуштени во зградата. Прашуваат со кои пари ќе ги платат ратите за кредити, сметките за струја и стравуваат дека на врата ќе им дојдат извршители.

– Нас не може да не чекаат извршители, изјави д-р Александар Костески, претседател на Независен синдикат за здравство во ЗД Тетово.

Вчера беше пробиен и законскиот рок за исплата на платите, но никој точно не кажува кога здравствените работници ќе ги добијат парите на сметките.

Системот на Фондот повеќе од 10 дена е хакиран, но директорите ниту денеска не излегоа јавно да објаснат што точно се случило и дали е направена штета.

Место нив Премиерот кажа дека се работи ransomware (рансомвер) напад, но не обелодени дали хакерите барале откуп за да го одблокираат Фондот за здравствено осигурување.

Тој посочи дека станува збор за комплексна ситуација, а на решавање на проблемот работеле повеќе ИТ експерти од земјава, Германија и други држави. Министерот за внатрешни потврди дека оделот за сајбер криминал веќе води истрага и побарале подршка од меѓународни партнери.

Во меѓувреме Ковачевски  ги повика здравствените работници да се стрпат за плата, а од Фондот повторно преку соопштение информираат дека побарале сите ЈЗУ до понеделник да ги достават податоците за да може идната недела да почнат да се исплаќаат платите.

– Доколку сите ЈЗУ го исполнат овој рок, согласно протоколот за исплата на плати, исплатата се очекува да биде веќе наредна недела, соопштија од Фондот за здравствено осигурување.

Сител јавува дека поради неисплатените плати утре на протест ќе излезат вработени во ГОБ “8 септември” и Клиничката болница во Штип, а Синдикатот на Клинички во понедленик ќе одлучува кога ќе почнат со протести и штрајк.