Едноставно не ве бива, само демагогија, криминал и провизии, не може да се соберете ни да гласате, немаше пратеници од власта да гласаат за министерот Беким Сали, сега сред бел ден немате пратеници повторно. Иако разрешувањето го поврзавте со платите, со набавка за лекови. Вас ви е друго проблемот. Проблемот е што нема пари буџетот, нема ликвидност, се закочи еврообврзницата и сега купувате време, изјави на денешната собраниска седница пратеникот Здравко Трајанов.

Трајанов истакна дека власта со се се занимава освен со основниот проблем решавање на криминал и корупција за што имаме критики дури и од САД.

Не сакате да го менаџирате ни основниот проблем криминал и корупција, тоа ви го кажа и САД, јавно ве критикуваат. Со реконструкција на владата можеше да се разрешат и други министри, наместо да се најдат структурите на МВР кои немаат разрешен ниту еден случај за висока корупција во овие 6 години, ниту еден функционер од СДСМ не е обвинет, да не се лажеме Рашковски е на слобода и така ќе заврши, рече Трајанов.

Тој додаде дека во моментов имаме разрешен министер за правда и разрешен заменик целосна парализа на министерство, а има услов за враќање на судски случаи.

– Има ли поголемо дно од ова што се случува. Од правда е блокирана и еврообврзницата, и во најмала рака дел од тие пари требаше да одат за отплата на кредити и дополнително ќе плаќаме камати, посочи тој.

Трајанов додаде дека денеска е точка за разрешување на министер за информатичко општество и администрација со бројни проблеми без дигитализација, нефункционално министерство каде секоја година се менува министер.

– Не сакам да ги коментирам секојдневните паѓања на системи и дојави за бомби, дигитализацијата стои во место, на една година ги менувате министрите. Во пракса нема поврзување на институциите и затоа и немаше електронски попис. Не ви одговара тоа, на вас ви одговара попис во кафана каде ќе договорите проценти. Нема функционална здравствена електронска картичка, каква е таа дигитализација? Администрацијата е партизирана и уценета, изјави Трајанов.