Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека не го прифатил европскиот договор за Косово, но дека го поддржува концептот и спроведувањето на тој план „до одредени граници“.

„Никогаш не сум прифатил никаков договор. Вие немате ниту една моја изјава дека ја прифаќам, туку дека го прифаќам концептот и дека сме подготвени да работиме на имплементација на договорот до одредени граници“, рече Вучиќ, одговарајќи прашања на новинарите по телевизиско обраќање до граѓаните.

На прашањето на кого мислел кога рекол дека го измамиле за Косово, Вучиќ рече дека тоа се „европски и западни претставници“.

„Ме излажаа. Од првиот ден мислев на западните претставници. Се надевам дека ќе престанат со оваа практика на лажење, но бидејќи некаде го насетував, затоа одбив да прифатам и да потпишам “, рече претседателот на Србија.