Повеќе од 600 луѓе се убиени за време на повеќенеделниот вооружен конфликт во Картум, главниот град на Судан, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).
Портпаролот на СЗО Тарик Јашаревиќ ги објави новите бројки на брифинг во Обединетите нации. Според него, од 14 април досега во Судан загинале 604 лица, а 5.127 се повредени, јавува Анадолија.
Сега во Судан има повеќе од 700.000 внатрешно раселени лица, рече Јашаревиќ, што е двојно повеќе од пред седум дена.
Борбите меѓу армијата и паравоената група Сили за брза поддршка (РСФ) се во тек во Судан од средината на април.
Судан без функционална влада
Несогласувањата меѓу двете страни се разгореа во последниве месеци околу интеграцијата на РСФ во вооружените сили на Судан, клучен услов за транзицискиот договор на Судан со политичките групи.
Судан е без функционална влада од есента 2021 година, кога војската ја собори привремената влада на премиерот Абдале Хамдок и прогласи вонредна состојба во потег што политичките сили го нарекоа „државен удар“.
Преодниот период, кој започна во август 2019 година по соборувањето на претседателот Омар ал-Башир, требаше да заврши со избори на почетокот на 2024 година.