И покрај огромните успеси во неговата тренерска кариера и неброените трофеи, Пеп Гвардиола во овие 13 години го прогонуваше сликата како Интер и Жозе Мурињо слават на Камп Ноу, а потоа на Бернабе го креваат трофејот од Лигата на шампионите, објави Спортклуб.
Барселона со него на клупата, во 2010 година беше апсолутен фаворит во полуфиналниот двомеч со „нераѕурите“, сите веќе ја видоа во мечот за титулата, но Интер и неговите пулени имаа друг план и малку со срце, малку со среќа, излегоа како вкупни победници со резултат 3-2.
Освен што Интер го оневозможи Гвардиола таа сезона да се радува на уште една титула во Лигата на шампионите, го спречи да го направи она што неколку години му успеа на Реал Мадрид: да ја направи Барселона прв тим кој го одбрани трофејот во елитното натпреварување, но и да врзе три титули по ред бидејќи веќе ја имаше онаа од 2009, а следната сезона повторно ја освои. Со можеби најдобриот тим на Барселона во историјата и секако еден од најдобрите откако се игра фудбал, никој не очекуваше помалку од тој состав на Гвардиола. Сепак, се испречи Интер и не дозволи тогаш да се испише ново поглавје во Лигата на шампионите.
Поминаа 13 години, а Гвардиола ја доби својата шанса за одмазда. Во големото финале оваа сезона, трофејниот шпански стручњак ќе се бори токму против Интер кој сега не е на она ниво од 2010 година, но сепак има незгоден состав кој е способен да направи изненадување. Гвардиола е пред тројна круна, првата титула може да ја прослави веќе претстојниот викенд, потоа го очекува финале од ФА Купот против Манчестер Јунајтед, а на 10 јуни во Истанбул да го повтори успехот од 2009 година кога со Барселона ги обедини сите трофеи.