На тет-а-тет средбата со претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар меѓудругото разговаравме за претстојниот Самит на шефови на држави кои се дел од процесот Брдо Бриони, а кој треба да се одржи кај нас во првата половина од септември оваа година. На Самитот ќе зборуваме за темите поврзани со младите, како и со климатските промени, информираше претседателот Стево Пендаровски на денешната заедничка прес-конференција со Пирц Мусар во Скопје.

Како што посочи Пендаровски, на средбата и двајцата констатирале дека секоја држава во светот, не само во регионот, мора да даде свој придонес во борбата против климатските промени. Што се однесува до младите, односно односно образованието, да се направи се за тие да останат во регионот.

-Со Словенија не поврзува заедничкото минато како дел од поранешната држава. Она што посебно радува е интензивниот политички дијалог на високо ниво, меѓу двете држави што е потврда за меѓусебната почит и разбирање, онака како што и доликува на две европски држави. Очекувам дека со претседателката Пирц Мусар ќе ја продолжиме таа традиција и ќе имаме успешна соработка, рече Пендаровски.

Тој напомена дека имале конструктивен разговор за билатералната соработка и економските релации меѓу двете земји, а значајно време посветиле и на македонските евроинтеграции и со состојбите во регионот и генерално на Европскиот континент.

-Словенија е наш важен партнер при имплементација на европските реформи со години наназад. Од словенечката претседателка добив уверување дека оваа поддршка ќе продолжи, и дека со експертска и со политичка поддршка Словенија, ќе остане да биде промотор на македонската европска интеграција, потенцираше претседателот.

Како што посочи, со претседателката Пирц Мусар констатирале дека соработката меѓу нашите две армии и во рамките на НАТО сојузот и билатерално е од исклучително значење, при што размениле мислења и информации за безбедносните предизвици и проблеми во регионот и на континентот, наметнати од руската војна против Украина.

Во однос на економската соработка, Пендаровски е на ставот дека Словенија е наш значаен трговски партнер и инвеститор со години.

-Минатата 2022 година вкупната трговска размена изнесуваше над 280 милиони евра, со раст од над 40 милиони евра споредбено со 2021. Економската соработка постојано расте, но со цел да ја зголемиме стоковата размена на половина милијарда евра годишно, се согласивме дека треба да се продлабочи економската соработка, и во областа на услугите и странските директни инвестиции, а за тоа ни помага фактот дека меѓу македонските и словенечките компании постои долга традиција на соработка и веќе етаблирани искуства и мрежа на контакти, додаде Пендаровски.

Тој ја издвои и билатералната соработка во областа на образованието, науката и уметноста.

-Словенија е една од земјите во рамки на ЕУ што многу наши млади ја избираат за школување и кариерен развој, а со тоа се продлабочуваат и зајакнуваат врските и меѓу нашите граѓани. Исто така нашите односи ги збогатуваат и професорите и уметниците кои ги изучуваат и предаваат нашите јазици и остваруваат интензивна научна и културна размена, рече Пендаровски.

Претседателката Пирц Мусар која денеска е во осфицијална посета на нашата држава, на заедничката прес-конференција со Пендаровски рече дека Словенија и Северна Македонија соработуваат на повеќе подрачја, во однос на НАТО но и во однос на војната во Украина, каде што, како што напомена, двете држави помогнаа на Украина.

-Со господинот Пендаровски, зборувавме многу за процесот на интеграции во Европа. Верувајте ми дека како човек кој го познава обемот на приближувањето кон законодавството на Европа, знам дека не е лесно. Да потенцирам, Словенија го помина тој процес, и нам не ни беше лесно. Словенија мораше да го промени својот Устав, и тогаш во мојата татковина се слушаше како тоа не е добро за словенечкиот народ, како ќе се изгуби словенечкиот народ и јазик. Го променивме Уставот во член кој дозволуваше странците да поседуваат имоти. Имаше политички расправи, дебати, имаше жешки расправи по тој аспект, но успеавме во тоа, рече Пирц Мусар.

Претседателката Пирц Мусар е на ставот дека и Европската Унија треба да го заврши својот дел од работата и да и помогне на Северна Македонија во тој процес. И Пирц Мусар се осврна на Самитот Брдо Бриони.

-Моја желба е за време на Самитот, ние претседателите на државите во регионот да се отргнеме од овие жешки теми кои не разделуваат и да се концентрираме на теми кои не спојуваат. Со Пендаровски се согласивме дека овој пат на Самитот Брдо Бриони треба да ги допреме темите на младите, како и климатските промени. Како претседатели на држави можеме да пратиме сериозни пораки, за проблемите кои треба да бидат наша заедничка грижа, додаде Пирц Мусар.

Таа напомена дека е исклучително задоволна и од стопанската економската соработка.

-И конечно не сме ме да заборавиме дека словенечките претпријатија во Северна Македонија вработуваат повеќе од три илјади државјани, што значи дека словенечкото стопанство придонесува кон развојот на македонското стопанство. Што се однесува до Северна Македонија веруваме дека знаете и имате потенцијал да пристапите кон патот на ЕУ, рече претседателката на Словенија.