Потребна е јасна визија на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан. Нема време процесот на проширување да се одолговлекува, со оглед на новите геополитички околности во Европа, како што е руската инвазија врз Украина, беше истакнато на денешната сесија „Проширувањето на ЕУ во променливата геополитичка динамика“, во рамки на Преспа форумот.
Руската инвазија врз Украина го одложи процесот на проширување кон ЕУ. Ние треба да функцонираме на начин што ќе ги најдеме вистинските луѓе, ќе ги процениме вистинските потреби за создавање стратешки позиции и да гледаме како ЕУ ќе му помогне на Западен Балкан да ги појасни процесите кои ќе не приближат кон ЕУ, и ова ни треба сега не ни треба понатаму, порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Тој рече дека Македонија е најевропски ориентирана, но евроентузијазмот кај граѓаните од 80 проценти падна на 65 проценти и ова не натера да размислиме што е она што ние го правиме за да се смени оваа бројка.
Тоа значи дека ние треба да направиме реформирана агенда која ќе ги привлече сите политички партии кон еден дијалог и да се обединат околу ова прашање, затоа што ова е од надпартиски интерес. Затоа работиме и на пронаоѓање структура која ќе функционира и во рамки на Парламентот да го решиме ова прашање и да создадеме структура која ќе го помогне да го направи сето ова и да најдеме група експерти кои ќе ни помогнат како да го разрешиме како ова ќе биде изготвено со крајна одговорност и кредибилитет од сите политички партии, за да ги потпишеме сите патокази, сите акциски планови кон решавање на прашањето а не да се фокусираме на дневно-политички настани што во моментов е случај, рече Маричиќ.
Во врска со уставните измени вицепремиерот рече дека секој момент е погоден да се донесе решение за нив и да се дискутира за ова прашање во Парламентот ,
Ова прашање не смее да се прологира бидејќи изгубивме 20 години за да го решиме прашањето со Грција. Ние немаме ттолку време да губиме за следното. И овие прашања нема да се решат ако ги одлагаме туку ќе стануваат се поголеми и поголеми, рече Маричиќ.
Ирскиот министер за европски прашања Питер Бурк рече дека со обединување во ЕУ државите не го разводнуваат својот суверенитет, туку ги зголемуваат своите можности.
Отвореноста кон ЕУ и патот низ кој мина ирскиот народ е пат што би сакале и другите да го одат денес и заедно, и ние сме решени да ви помогнеме, нагласи Бурк.
Српската министерка за евроинтеграции Тања Мишчевиќ рече дека тунелот кон Унијата е многу долг и за жал не се гледа крајот на тунелот.
Кога се обидуваме да им објасниме на земјите-членки на ЕУ дека проширувањето ќе го подобри прашањето на заморот од реформи во регионот кој постои кај секоја земја кандидат во регионот, бидејќи тоа е многу итно, меѓутоа никој тогаш не не слушаше и сега го користиме оној моментум кој некој друг го создаде по 20 години, па дури и 23 години од процесот на интеграција на целиот Западен Балкан. Тоа е чудна ситуација.
Јасно е дека вината е и кај нас. Ние сме изземени како општество и како институции и истовремено и кај нас имаше многу внатрешни битки и проблеми, но не треба да заборавиме дека владеењето на правото е примарен предуслов за секој еден однос и тоа е навистина тешко длабоко да се воспостави и вкорени како силна институција, рече Мишчевиќ.