Соочен со незадоволни вработени кои бараат повисоки плати, тукушто назначениот директор на Царинската управа во чија нова канцеларија први влегоа претставници на синдикатите има верба дека сепак ќе биде постигнато заемно прифатливо решение и дека нема да се реализираат заканите за радикализација на протестите.
„Не очекувам дека ќе дојде до блокирање на граничните премини. Ги почитувам правата на вработените, како и сите легитимни и демократски права на граѓаните, регулирани со соодветни закони и колективни договори’’, изјави Стефан Богоев за „Локално“.
За барањето за исплата на додатокот од 30% како што рече, ќе разговара со Министерот за финансии, а средба е најавена и со УЈП.
Неспорното, исклучително значење на Царината за вкупното функционирање на државата е појдовна точка во насока на реализација на неговите цели меѓу кои една од приоритетните е забрзување на протокот на граничните премини.
„Во блиска иднина, ќе бидат спроведени реконструкции на клучните гранични премини на коридорите кои поминуваат низ нашата држава, а ќе се реализира и проект за автоматизација на граничните премини и воведување на концепт на „паметни граници“, вели Богоев.
Во меѓувреме, во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ се работи на дополнителни олеснувања на царинските формалности, а привршуваат и градежните инфраструктурни зафати на граничниот премин Табановце за подобрување и проширување на пристапните сообраќајници како на влез така и на излез од државата.
Целото интервју прочитајте го ТУКА.