На одделението за Трауматологија во ГОБ „8 Септември“ е задржан на лекување 21-годишниот Ш.П, државјанин на Косово, единствениот досега кој успејаа да го извлечат од водите на Реката Лепенец, по вчерашната сообраќајна несреќа на Блаце.

Директорот на градската болница, д-р Христијан Костов за Фактор изјави дека момчето веќе требало да биде отпуштено, но сепак заради понатамошна опсервација е задржано на одделението за Трауматологија.

-Веднаш откако е примен, врз 21-годишниот пациент. Ш. П. од соседно Косово, направени се детални иследувања. Нема скршеници, но има огреботини по кожата и набиеници по телото. Требаше да биде отпуштен уште утринава и да го земат блиски роднини од Косово, но тој сепак денеска ќе биде задржан на овој оддел. Неговата состојба воопшто не е животозагрозувачка, но е во шок по трагедијата.

Инаку, претходно како што објави Фактор од свои извори, реката Лепенец уште се препарува, односно се трага по уште тројцата патници кои беа во возилото БМВ кое падна во реката.

Извори на Фактор брифираат дека станува збор за цело семејство од Косово, мајка, татко, и 16 годишен син.

Според ЦУК водите на Лепенец се препаруваат детално, а во потрагата е вклучен и дрон. Регионалниот Центар за управување со кризи на Велес, пак, извести дека е забележено безживотно човечко тело во реката Вардар, кај с. Уланци, Општина Градско, од стрна на СВР Велес.

-Полицијата се обидела да го лоцира на неколку пунктови но безуспешно, па поради големиот водостој безживотно тело се движи кон Општина Неготино. За оваа е известена ДЗС и Локалната самоуправа, велат од ЦУК.

Не соопштија други детали, дали станува збор за еден од патниците во возилото БМВ кое по сообраќајќата на Блаце падна во Реката Лепенец.

Повеќе информации ќе има во текот на денот.