Нашиот пат кон Европа е јасен. Станува збор за преговарачката рамка која ја усвоиме минатата година. Во таа смисла, нови барања од Бугарија не се дозволени, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски, прашан како ги коментира изјавите на претседателот на Бугарија, Румен Радев поврзани со уставните измени.
Пендаровски откри дека во Подгорица имал куса средба со Радев, а писмото на бугарскиот колега до шефовите на држави и влади на ЕУ го оцени како рециклажа на како што ја нарече, старата бугарска политика. Во писмото според него нема никакви нови податоци или предлози.
-Имавме куса, куртоазна средба. Неговото писмо го видов го прочитав. Станува збор за рециклажа на старата бугарска приказна, не гледам дека има некои нови податоци. Нашиот пат кон ЕУ е јасен, а тоа е преговарачката рамка што ја усвоивме лани. Нови условувања од Бугарија не се дозволени. Во делот дека ќе има нови условувања, денес ЕУ слави 30 години од Копенхашките критериуми, кои се главен сет на критериуми според кои се влегува во Европската Унија, а не разговори за историја.–Стево Пендаровски – Претседател на Македонија.
Претседателот изјави дека во ЕУ знаат кои критериуми навистина треба да ги исполни земјата-кандидат за членство во ЕУ и јасно им е „дека пред три години беше направен преседан против Северна Македонија со обидите на Бугарија да наметне историски критериуми или критериуми за ревизија на историјата.
Бугарија е последната држава членка на ЕУ која може да ни држи предавања за тоа кои се и што претставуваат копенхашките критериуми имајќи предвид дека Бугарија е држава членка на Советот на Европа која има најмало почитување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Има 15-16 кои не се реализирани. Ние многу добро ги знаеме Копенхашките критериуми и тврдам, сум тврдел и порано дека Македонија е најподготвениот кандидат во историјата на ЕУ во моментот кога ги почнувал преговорите, изјави -Стево Пендаровски – Претседател на Македонија.