Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро реагира и ги осудува јавните закани, говорот на омраза кон сите новинари и медиумски работници и кон новинарот Огнен Јанески кои биле упатени од страна на гледач во две контактни емисии на 27 јуни на ТВ24. Како што информираат оттаму, во текот на вчерашното издание на емисијата „Во тек“, која што е од контактен формат, анонимен гледач изнел закани за тепање на сите новинари од телевизиите, што претставува говор на омраза кон целата новинарска фела, медиумски работници и телевизии вооопшто.
„Истото лице преку дополнително јавување во попладневната емисија Очи в Очи, вербално му заканил на колегата Огнен Јанески со зборовите: „И овие што се јавуваат и што те поддржуваат, те дигаат до небо, ќе те соборат. Истите тие пак. Ти благодарам за тужбата што ќе ми ја поднесеш. А ќе се сретнеме ние двајца и на друго место, кај што живееш ти“, чин што претставува загрозување на неговата безбедност“, наведено е во соопштението на ЗНМ.
Ваквата постапка сметаме дека е крајно недозволива и е директен притисок и закана за безбедноста на новинарите и медиумските работници, но и врз слободата на говорот.
Случајот е пријавен до надлежен јавен обвинител и бараме ОЈО да спроведе брза истрага за ваквите случаи да бидат санкционирани веднаш.
Овој вид на коментари можат да предизвикаат страв кај новинарите и медиумските работници и да ја загрозат нивната безбедност преку поттикнување на насилство. Крајно време е да се сфати сериозноста на ваквиот вид вербални напади и да се стави крај на несанкционираното однесување на одредени претставници на јавноста.
Потсетуваме дека според Кривичниот закон тој што во јавноста промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група е кривично дело и ќе се казни со затвор од една до десет години, се вели во реакцијата на ЗНМ