Ова денеска за МИА го изјави државната секретарка за Европа на Португалија, Ана Паула Закариаш, која претседаваше со денешниот Совет за општи работи каде заседаваат министрите за европски прашање и тело кое ја носи одлуката за почетокот на преговорите со земјите кандидати.

-Португалското претседателство се обидува да турка за двете земји да започнат преговори во исто време и ќе продолжиме да го правиме тоа, ангажирани сме со сите релевантни власти за да видиме како претседателството може да ги поддржи преговорите и да ја свика првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија за време на нашето претседавање, изјави Закариаш на прес конференцијата по министерскиот состанок.

Државната секретарка нагласи исто така дека се водат разговори и со Скопје и со Софија за да се надмине блокадата на патот на Северна Македонија.

-Разговараме со релевантните македонски власти и исто така со бугарските власти и даваме се од себе за да видиме дали постои можност за преговори до јуни, додаде Ана Паула Закариаш.

Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, повтори дека ставот на неговата институција е дека Северна Македонија ги исполнила сите услови и е подготвена да го започне преговарачкиот процес.

-Нашата проценка не е сменета и ова беше јасно пренесено на средбата помеѓу претседателката фон дер Лајен и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, рече Шефчович, додавајќи дека шефицата на Европската Комисија ги пофалила извонредните реформски напори на државата и изразила надеж дека ќе се тргне напред со С.Македонија.

Вториот човек на Европската Комисија истакна дека тие го имаат и поширокиот геополитички контекст на ум кога станува збор за Северна Македонија за која ЕУ е единствената стратешка опција, рече тој.

-ЕУ перспектива претрпе штета со пандемијата од Ковид, додаде Шефчович и изрази надеж дека после оваа прва тура вакцини донирани од ЕУ ќе пристигне уште една.