За впечатоците од „најлудата“ новогодишна ноќ која помина со запленета пиротехника, неколку сообраќајни прекршоци и релативно мирна атмосфера.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со дел од раководството на МВР на првиот работен ден во Новата година беше во посета на полицискиот центар „Ѓорче Петров“ каде што оствари работна средба со раководствата на Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје.
На средбата на министерот Спасовски му беа презентирани активностите кои се преземаат во делот на оперативниот план „Безбеден град“ како и сите останати полициски активности кои се под нивна надлежност. Спасовски истакна дека во 2023 година Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје бележат значително зголемување на активности во рамки на воспоставените планови по „Безбеден град“ преку интензивни засилени мерки со цел заштита на сигурноста и имотот на граѓаните, спречување на извршување кривични дела и зачувување на безбедноста на граѓаните.
Министерот Спасовски истакна дека и во 2023 година македонската полиција заплени повеќе од 100.000 парчиња пиротехника.
„Што се однесува за изминатава вечер, на територија на целата држава новогодишната ноќ помина главно мирно. Безбедносната состојба на територија на целата држава за време на новогодишната ноќ беше стабилна. За таа цел од страна на полицијата беше засилено присуството на терен и беа преземени координирани и насочени мерки за одржување на поволна безбедносна состојба. Имаме неколку карактеристични случаи за кои преземаме мерки за расчистување. Тие карактеристични случаи се далеку помалку од изминативе години. Имало единствено нарушување на јавен ред и мир или вкупно 12 кривични дела на територијата на цела држава, најчесто недозволена трговија со дрога, и едно загрозување на сигурноста. Имаме регистрирани прекршоци по Законот за јавен ред и мир, вкупно 20 во сите СВР-а, имаме регистрирано два прекршоци по Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, има вкупно 8 сообраќајни незгоди со материјална штета на територија на државата. Ова е најмал број на вакви сообраќајни незгоди кои се случиле досега. Има останати настани, поплаки кои биле пријавени, вкупно 11. Генерално ако погледнеме и низ територијата на државата, практично по еден, два настани се регистрирани по другите СВР-а, СВР Скопје, СВР Тетово се во кои имаме поголем број пријави, со оглед на населението итн, мислам дека апсолутно поволна безбедносна состојба во текот на целата вечер“ рече министерот Спасовски во изјавата за медиумите.