Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за пронајдените пиротехнички средства во возилото на Дрин Ахмети, (внук од брат на Али Ахмети и косопственик на трговскиот центар Соравија), денеска изјави дека се преземени сите потребни активности од полициски аспект и оти понатаму Јавното обвинителство треба да оцени како ќе постапува со овој случај. Полицајци го сопреле возилото ренџ ровер со кое управувал Дрин Ахмети и пронашле 749 пиротехнички средства.

– За конкретниот случај ние ги преземавме сите потребни активности од полициски аспект. Одземени се сите предмети кои беа најдени и е доставен поднесокот до Јавното обвинителство, кое ќе оцени за тоа како понатаму ќе се постапува во однос на целиот овој случај, рече Спасовски, одговорајќи на новинарско прашање каков поднесок ќе има и за што ќе се товари Дрин Ахмети.

Спасовски нагласи дека поднеле известување до Јавното обвинителство во однос на нивните сомненија.

– Треба да се земат предвид сите овие факти и докази кои се и на основа на тоа ќе ги донесе одлуките Јавното обвинителство, појасни министерот за внатрешни работи.

Спасовски по посетата на полицискиот центар „Ѓорче Петров“ нагласи дека кампањата што ја спроведувале заедно со Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија навистина дала резултати.

– Оваа година нема ниту едно лице кое е повредено од пиротехнички средства, исто како и минатата година, изјави Спасовски, додавајќи дека во 2023 година македонската полиција заплени повеќе од 100.000 парчиња на пиротехника.