Не помина барањето на членот на Судскиот совет Тања Чачарова-Илиевска да доработи извештајот за констатирана состојба и со тоа се одложи расправата за разрешување на претседателот на Врховниот суд Беса Адеми. За да помине предлогот за доработка на извештајот според Деловникот на Судскиот совет се потребни седум гласа, но со пет гласа „за“ и со шест „против“ овој предлог не помина, објави Слободен Печат.
По одбивањето на предлогот претседателката на Судскиот совет Весна Дамева побара веднаш да продожи седницата со поединечно изјаснување на членовите за одговорност на Адеми, но дел од членовите на Советот излегоа од салата, па Дамева беше принудена да даде пауза.
На почетокот на расправата претседателот на тричлената Комисија на известители Мирсад Суроји го презентираше извештајот за констатираната состојба, кој го содржи барањето за утврдување на одговорност кое го поднесе членот на Советот Миљазим Мустафа, одговорите кои во своја одбрана ги даде претседателката на Брховниот суд Адеми и сите спроведени дејствија во постапката.
Пред почетокот на разгледувањето на оваа точка од дневниот ред подносителот на барањето за разрешување Мустафа ја напушти седницата. На денешната седница не присуствуваше ниту претседателката на Врховниот суд Адеми. Во јавноста имаше шпекулации дека Мустафа ќе ја повлече иницијативата за разрешување на Адеми, но тоа не се случи.
Мустафа бара Адеми да биде разрешена затоа што во контунуитет 21 седница по ред не доаѓа на седниците на Советот, иако е член според функција, а без право на глас, и со недоаѓањето пропуштила да даде свој придонес во функцијата на Судскиот совет, да обезбеди самостојност и независност на судството. Втора работа заради која Мустафа бара разрешување е што Адеми на почетокот на декембри не се одзва на поканата на тогашниот претседател на Судскиот совет Сашко Георгиев да дојде на средба во Советот, а во врска со нејзино интервју во медиумите во кое тврди дека на врховните судии им се врши силен политички притисок со цел да се оживее аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.