Лидерите на земјите од Западен Балкан се собраа во Скопје. Епилогот на ваквиот состанок беше заедничка изјава каде како врвен императив е равој според сите европски стандарди. Американскиот помошник-државен секртар, Џејмс О`Брајан потврди дека Брисел и Вашингтон даваат поддршка за Западниот Балкан, но имаше и некои забелешки.
Заедничка соработка, економски напредок, заложба за спроведување на реформите со посебен акцент во областа на владеење на право и унапредување на демократијата и човековите права – дел од заклучоците на Самитот за план за раст – предлог на Европската комисија.
„Во однос на САД – ние сметаме дека е во наш интерес, интересите на граѓаните на Западен Балкан да се задоволат и да ги видиме владите на земјите од регионот како се приближуваат кон интеграцијата во ЕУ. Ние сме посветени на тоа Северна Македонија и САД да продолжат да соработуваат за патот на земјата кон Европа“, рече Џејмс О`Брајан.
Тој додаде дека САД е партнер на нашата држава.
Граѓаните на земјава ќе имаат јасен избор во наредните месеци меѓу јасна визија која знае како да оди кон Европа и нешто друго. Граѓаните ќе треба да изберат. Од перспектива на САД многу сакаме Северна Македонија, што е можно побрзо, да стане дел од ЕУ
Прво реформи, а потоа шесте земји од Западен Балкан ќе ги добијат 6 милијарди евра од планот за економски раст. Целта е да се овозможи пристап до европскиот пазар уште пред државите и формално да станат членки на ЕУ. Премиерот Ковачевски ветува посветеност на реформите, САД бараат храбри одлуки.
Претставникот од Европската комисија оценува дека планот на раст ќе овозможи побрзо пристапување до Унијата.
Дел од лидерите на Западен Балкан потпишаа протокол за унапредување на слободниот проток на работна сила, што ќе овозможи побрз развој на нивните економии.
Целта на планот за раст е удвојување на економиите и надминување на социоекономскиот јаз меѓу државите. Македонија очекува да добие милијарда евра. Според предвидениот, дел од парите ќе биде директно вбризган во националниот буџет, а остатокот во инфраструктурни инвестиции.