Откако последниве денови во јавноста и медиумите се појави интерес за текот на постапката за продажба на имотот и опремата на „Еуроникел“, од „Комерцијална банка“ ја информираат пошироката јавност дека во тек се преговори со повеќе заинтересирани инвеститори за купување на имотот и опремата на комбинатот „Еуроникел“, кои сега се во сопственост на Банката.
Сепак, заради доверливоста на преговарачкиот процес со потенцијалните инвеститори, Банката не е во можност во моментот да споделува повеќе информации во врска со оваа постапка.Притоа, секако дека на секој потенцијален купувач на имотот и опремата на Еуроникел ќе му требаат и работници за извршување на производниот процес, велат од „Комерцијална банка“.
Оттаму истакнуваат дека евентуалното отворање стечајна постапка врз „Еуроникел“ нема никаква врска и допирни точки со сопственоста на Банката врз преземениот имот и опрема. Овој имот и опремата во никој случај нема да бидат дел од стечајната постапка и „Комерцијална банка“ е слободна да ги продава без никакви ограничувања.