Во продолжение, Ви го пренесуваме неговото обраќање во целост:
Голема е честа денеска да се обратам на Свечената Академија по повод отворањето на Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки на Универзитетската клиника за хематологија.
Изминативе неколку години, оваа установа покажа како треба да се работи во интерес на пациентите и здравствените работници. Клиниката за хематологија истовремено вложуваше и во подобрување на условите за третман на пациентите, но и во унапредување на условите за работа на здравствените работници.
Покрај реновирањето на установата, тука за првпат почнаа да се прават и трансплантации на матични клетки од несроден дарител. Со трансплантациите им се даде нова шанса за живот на пациентите со малигни хематолошки заболувања.
Пред само неколку недели, беше пуштен во употреба и новоизградениот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки што претставува една од најважните инвестиции во јавното здравство.
Сега, Клиниката за хематологија се етаблира на врвот на најзначајните центри за лекување на хематолошки болести во регионот. Задоволен сум што овозможивме најсовремен и најдобар медицински третман за пациентите.
Упатувам благодарност до директорите на оваа установа д-р Ирина Пановска Ставридис и Флутим Кадриу, до членовите на Владата, до Фондот за здравствено осигурување, но и до Амбасадата на Соединетите Американски Држави за обезбедувањето финансиски средства за реализација на оваа важна инвестиција.
Ве охрабрувам да продолжите со вашата стручна и професионална работа, во Министерството за здравство имате искрен партнер за зајакнување на здравствениот сектор. Заеднички можеме да направиме позитивни резултати!“, изјави Демири.