Благодарни на граѓаните за хуманоста, но разочарани од државата. Семејството на Леонид вели дека најмалку што очекувале е негативна одлука од Фондот за здравствено осигурување со оглед на состојбата на 18 годишното момче, објави ТВ 24.
Проблемите треба да се решаваат системски, а не преку молење, вели неговиот татко, кој е разочаран од системот што го довел во ваква ситуација него и неговото семејство.
„Ние сме приморани на ваков чекор затоа што друг метод не знам дали би профункционирал освен мито, врски и пријатели во нашава држава ништо друго не функционира. Јас би сакал да ги прашам тие што потпишаа негативно и сакам да ми одговорат во нивното решение стои дека за состојбата на Леонид може да се лекува и третира во нашата држава, но не пишуваат каде. Вие да сте ја прочитале состојбата на Леонид каква што е дека тој е во животозагрозувачка опасност, не би донеле ваква одлука и јас најмалку што очекував е дека лекарската комисија ќе донесе ваква одлука“, вели Бранко Индов, за ТВ 24.
Семејството ќе поднесе жалба до второстепената комисија и очекува Фондот да ја промени одлуката.
„Да ги прашам како тие би се чувствувале, барем една секунда мислам дека цел живот ќе се каат, затоа замолувам и апелирам до второстепената комисија да не ја прави истата грешка“, вели Бранко Индов.