Германскиот производител на електрични возила Next.e.go која требаше да отвори фабрика во Тетово за производство на автомобили, поднесе барање за стечај. Компанијата соопшти дека одлуката да поднесе барање за стечај е донесена „наспроти неодамнешните негативни случувања и предизвици“ во индустријата за електрични автомобили и „нестабилноста на пазарите на капитал“.
Од компанијата имаа во план да изградат три нови микрофабрики во Европа и САД за да го прошират производството на своите евтини, мали електрични автомобили за градски сообраќај. На 13 август 2022 година, целата Влада на ДУИ и СДСМ организираа голем настан за почеток на изградбата на фабриката за електрични автомобили, со тоа што тогаш беше истакнато првите електрични автомобили произведени во халите во Тетово да бидат готови во 2024 година. Беа планирани да се отворат 890 добро платени работни места. И место градење на хали, плацот за фабриката и натаму останува некосена ливада.
Од ТИРЗ минатата недела информираа дека се раскинува договорот за државна помош, додавајќи дека досега нема исплати кон компанијата.
– Дирекцијата за ТИРЗ, како застапник на Владата ги активира заштитните механизми во потпишаниот договор, кои ги предвидуваат и овие околности (стечај, ликвидација), како предуслов за запирање на доделување на државна помош – информираа од ТИРЗ.
Освен во Тетово, фабрика за монтирање на возила требаше да изградат и во градот Ловеч на северот на Бугарија. Се очекуваше фабриката да биде целосно опремена до крајот на 2023 година, а целосен производствен капацитет да биде постигнат во втората половина на оваа година. Во 2021 година беше речено дека проектот вреди околу 280 милиони лева (156,4 милиони долари/143,2 милиони евра), додека фабриката се предвидуваше да има капацитет да произведува над 30.000 електрични автомобили годишно, со околу 1.000 вработени.