Министерот за правда на Република Бугарија Јанаки Стоилов во интервју за МИА вели дека привремената Влада има цел и да ги разоткрие оние модели со кои се спроведува корупцијата, од кои, според него, дел се законски, но се крајно нецелисходни.
Според Стоилов, со направените измени во законодавството се намалуваат можностите преку Агенцијата за Бугари во странство и разни организации да се фаворизираат одредени групи, да се влијае во корист на некои партии или пак да се издадат лажни сертификати за бугарско потекло.
-Да ви обрнам внимание дека корупцијата не е само проблем во балканските држави, туку тоа е и глобален проблем. Веројатно сте забележале дека во последните години се актуелни прашањата за олигархизација на политиката, односно зголемување на богатството и негова концентрација во тесен круг на луѓе, кои што ја поврзуваат политичката и економска активност и со тоа го доведуваат во прашање демократското функционирање на институциите.
Ако има нешто специфично за Источна Европа, тоа е трансформацијата на државната сосптвеност како резултат на приватизацијата и другите методи, односно за неколку години од силно доминантна државна сопственост се премина на раздржавување. Тоа во многу случаи покажува дека додадената вредност и претприемништво не го формираа богатство, туку пристапот до можноста да се добие овој државен имот.
Се разбира, за нас една од тековните задачи е спротивставувањето на корупцијата. Сегашната Влада, иако е техничка, со многу ограничен мандат, има амбиција не само добро да ги организира парламентарните избори, вклучително и да ги пронајде коруптивните практики со купено контролирано гласање за време на изборите, туку и да ги разоткрие оние модели со кои се спроведува корупцијата, од кои дел, за жал, се законски, но се крајно нецелисходни и не се во интерес на мнозинството луѓе, и драстично да ги намали ваквите практики. Тоа е еден од приоритетите во мојата работа, заедно со подобрување на услугите за граѓаните и одржување на интеракцијата со судството, Стоилов во интервју за МИА.