Ова го нагласи, како што рече, не дипломатски, не формално, туку од срце, министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешната свеченост по повод завршувањето на учеството на Армијата на Северна Македонија во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, а на која се обрати и претседателот на државата Стево Пендаровски.
– Нашата мисија по речиси две децении активно учество на припадниците на Армијата заврши. Како вие ротација по ротација покажувавте дека сте вредни да ги штитите колегите или претпоставените од САД, Турција, Германија, Норвешка и од сите други земји учеснички во „Одлучна поддршка“ или „ИСАФ“, така и ние од почетокот во 2002 година покажавме дека сме верни на вредностите, приниципите и одлуките на Алијансата. Нашата посветеност, како и посветеноста на Алијансата на Авганистан не престанува, ќе продолжиме да даваме поддршка, заедно со сојузниците на авганистанските безбедносни сили, рече меѓу другото Шекеринска.
Додаде дека кога ги воделе последните „битки“ да станеме членка на НАТО, не постоел состанок или средба со претставник на НАТО или на членка на Алијансата, а да не биде споменат нивниот придонес.
Таа уште еднаш им се заблагодари на припадниците на Армијата учесници во овие мисии, за храброста, за издржливоста и за сето нивно залагање, знаење и мотивација, за способноста што покажале и потврдиле дека тие се војниците на Армијата на РСМ на кои НАТО може да се потпре. Шекеринска се заблагодари и на оние кои служеа во главниот град, во командата, на сите оние кои служеа во командата и единицата за обезбедување на главната команда во Кабул, на штабните офицери во командата Север, како и на медицинските лица како дел од норвешката Роуд болница.
Министерката Шекеринска изрази убеденост дека сите научени вештини и научени лекции ќе ги пренесат дома и така ќе помогнат да се развиваме како НАТО армија и вистинска НАТО членка.