Пет организации на ОН се вклучени во подготовката на Светскиот извештај за храна, вклучувајќи ги и Организацијата за помош на децата (УНИЦЕФ) и Светската здравствена организација (СЗО), а заклучокот е дека коронавирусот брзо им ги смени животите на многу луѓе на Земјата затоа што ги изгубија работните места, а истовремено се зголемуваа цените, особено на основните животни намеринци.
-Ако ова не е итен повик за аларм, не знам што е. Во споредба со последниот извештај, сега имаме уште 161 милиони гладни луѓе. Доколку гладот во светот не е проблем број еден, тогаш не знам што е, вели Дејвид Бисли, директор на Светската програма за храна.
Повеќето од неухранетите луѓе живеат во Африка, каде има најголем раст меѓу бројот на гладни, по што следуваат Азија, Латинска Америка и Карибите.
Доминик Цилер од Фондот за помош на Обединетите нации вели дека „многумина живеат како да ќе нема утре“ и посочува дека тоа ја уништува основата за живот и доведува до глад и неухранетост.
Тоа мора да запре, изјави Цилер.
Во последната година, речиси секој трет жител на планетата немаше безбеден пристап до доволно количество храна, а меѓу нив има и милиони деца, што покажува дека се оди во погрешна насока, предупредуваат авторите на извештајот.
-Горд сум што можеме да лансираме ракети со вселенски туристи на Месечината, но на Земјата, истовремено, деца умираат од глад секој ден, рече Бисли.
Обединетите нации ги повикаа политичарите да им помогнат на сиромашните земји и да издвојат пари за локалното население за да ги ублажат ефектите од пандемијата.
-Ние мора заедно да работиме на системот за храна и неговата трансформација. Никој не смее да се занемари, изјави Зузана Јакоб од Светската здравствена организација.
Со децении гладот во светот постојано се намалуваше, но од 2015 година бројот на гладни повторно почна да расте. Обединетите нации претходно поставија цел да го запрат гладот во светот до 2030 година, но во сегашните околности, особено поради пандемијата, таа цел ќе биде тешко да се постигне.