Тој наведе дека за жал ЕУ не го испорача ветувањето пред граѓаните на Република Македонија и оти сега разочарувањето е навистина големо.
Заев посочи дека европеизацијата и членството во ЕУ немаат алтернатива, пред се поради вредностите на Унијата кои, како што вели, значат подобра и просперитетна иднина, но, додаде дека земјите од Западен Балкан, кои се како своевиден остров оставен во ЕУ, на овој начин се оставаат на можноста да се соочат со други влијанија.
Во однос на нашиот европски пат со Албанија, премиерот Заев истакна дека станува за збор за спојување од практична причина, при што наведе дека секоја земја треба да се оценува самостојно, иако во слична ситуација се најдовме пред неколку години, но во обратна насока кога патот на Тирана беше блокиран.
Премиерот Заев посочи дека оваа Влада преку Договорот од Преспа со Грција и со Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија успеа во еден европски манир да реши децениски прашања.
Во насока на европеизацијата на нашата земја, премиерот Заев истакна дека Македонија е позитивен пример во регионот како мултиетничка и мултиконфесионална функционална демократија.
Во однос на пречките со Бугарија на нашиот европски пат, тој изрази оптимизам дека по формирањето на политичка Влада во Софија се отвора можност за надминување на овие прашања и посочи дека Владата на Северна Македонија го задржува курсот на посветеност и пријателство.