Тој на новинарско прашање зошто доколку има промена на дел од судиите или судските поротници, судењата почнуваат од почеток, наместо да се воведе измена за да може во рок од 3 месеци да продолжат судењата, посочи дека се прават темелни измени на Законот за кривична постапка и оти ќе се земе предвид и овој предлог.
– Има работна група во Министерството за правда, која работи на измени во Законот за кривична постапка. Таа група уште работи и ќе работи до крајот на годината или почетокот на наредната, бидејќи прави темелни измени на Законот за кривична постапка. Тоа се прави врз основа на научени лекции од досегашната пракса, една од научени лекции е улогата на судии поротници и нивниот мандат, моментот кога одат во пензија и што се случува со судскиот процес по заминувањето во пензија, рече Маричиќ на прес-конференција во одговор на новинарско прашање.
Инаку, како што рече министерот, овој дел на мандатите и именувањето и разрешувањето на судиите поротници е дефинирано во Законот за судови и во процесните закони. Тој појасни дека токму овие закони тешко се менуваат, бидејќи се носат со двотретинско мнозинство во Собранието.
Министерот појасни дека за да може да се промени овој дел на мандатот на судиите поротници и нивно именување и разрешување, како и нивно заменување по заминувањето од постапката, ќе мора да дефинираат законска измена која ќе добие поддршка од 80 пратеници во Собранието.
– Тој предизвик го имаме пред нас, но ние како Влада нема да се откажеме, јас сум убеден дека во работната група за Законот за кривична постапка ќе го имаме предвид и може да се вгради токму предлогот на дел од судиите или судската фела, судскиот процес да не почнува целосно од почеток по заминување на еден од членовите на судечкиот совет, туку тој во определен рок од неколку месеци да може да се запознае со случајот и да продолжи судењето таму каде што застанало, рече Маричиќ.
Ова, според министерот, може да биде овозможено преку процесот на дигитализација, кога се очекува судењата да бидат целосно снимани, за да може било кој нов член на судечкиот совет непосредно да се запознае со исказите и со текот на судењето.
– Ние сме подготвени како Влада и како Министерство да го предложиме ова во работната група а понатаму ќе видиме во дијалог со парламентарните и пратеничките групи и со партиите во Собранието да успееме, и во интерес на јавноста и на брзите судски постапки во размуен рок да постигнеме согласност од 80 пратеници да биде оваа измена изгласана, додаде Маричиќ.