Во вторникот беше соопштено дека од „Поли Нетворк“ се украдени криптовалути во вредност од над 600 милиони американски долари. Од платформа, преку писмо објавено на Твитер, им се обратија на хакерите и побараа воспоставување на комуникација со нив, со цел барање решение и враќање на украдените средства.
„Износот на пари што го хакиравте е најголемиот во историјата на децентрализираниот финансиски ситем. Спроведувачите на законот во било која земја ќе го сметаат ова за голем економски криминал и ќе бидете обвинети. Многу е неразумно да правите понатамошни трансакции. Парите што ги украдовте се од десетици илјади членови на крипто-заедницата, односно од луѓето“, стои во писмото на „Поли Нетворк“.
Од блокчејн платформата вчера соопштија дека од украдените криптовалути, им биле вратени токени во вредност од 260 милиони долари.
Хакерите кои стојат позади една од најголемите крипто-кражби, објавија свое интервју со прашања и одговори на три страни, каде за себе зборуваат во еднина и тврдат дека отсекогаш планирале да ги вратат токените, како и дека кражбата била извршена за да се потенцираат слабостите на софтверот на „Поли Нетворк“.
„Знам дека боли кога луѓето се нападнати, но зарем не треба да научат нешто од овие хакирања“, прашува хакерот во своите белешки.
Таму се додава дека цела ноќ ја поминал во потрага по ранливост на системот кој ќе може да го искористи, а одлучил да украде токени вредни милиони долари за да ја докаже својата поента, а не за да предизвика вистинска паника во светот на криптовалутите.
На прашањето „Зошто хакирање?“, тој одговара: „За забава“.
„Поли Нетворк“, која на корисниците им овозможува да разменуваат различни видови на дигитални токени, објави дека ѝ биле вратени средства во три криптовалути и тоа – Етериум (Ethereum) во вредност од 3,3 милиони долари, BSC (Binance Smart Chain) во вредност од 256 милони долари, како и 1 милион долари во криптовалутата Полигон (Polygon).
Во моментов недостасуваат Етериум токени во вредност од 269 милиони долари, како и 84 милиони долари во криптовалутата Полигон.
Аналитичарите на криптовалути коментираат дека оваа приказна покажува колку се моќни хакерите, за разлика од нерегулираниот децентрализиран свет на криптовалути, кој се покажал како исклучително слаб дури и во ситуации кога некој ќе „збрише“ огромни средства.