Талибански вооружени лица денеска го задушиле протестот во источниот град Џалалабад, кој се наоѓа на само 130 километри од главниот град Кабул.

Според медиумите, меѓу кои и Ал џезира, најмалку две лица загинале, а уште 12 се повредени во престрелката. Според новинарите на теренот, многумина од жителите на градот се противеле на замената на знамето на Авганистан со талибанското знаме.

На снимка споделена на интернет може да се видат демонстранти како ја креваат црвената, црна и зелена тробојка на авганистанската држава, откако наводно го отстраниле талибанското знаме.

Локалната Паџхвок авган њуз објави дека стотици луѓе излегле на улиците во центарот на Џалалабад, по што неколку талибански вооружени лица отвориле оган врз демонстрантите.

 

Може да се видат мажи и жени како бегаат на безбедно додека низ градот се слушаат истрели. Агенцијата, исто така, тврди дека талибанците претепале неколку новинари што известувале за настаните.

На претходните снимки што ги сподели авганистанската новинска агенција Паџхвок се гледаат Авганистанци што го веат своето државно знаме додека маршираат низ улиците.