За сите вработени во училиштата на сила е условот „прележани, вакцинирани, тестирани“, што значи дека оние кои не се вакцинирани или прележани мора секоја недела да се тестираат за ковид-19, што со циркуларно писмо на министерството за образование е одредено како работна обврска.

Неоправдано одбивање на тестирање ќе се смета за кршење на обврска од работниот однос, што значи дека на вработениот му се издава писмено предупредување пред отказ или се почнува постапката на отказ, а истото важи и ако вработениот одбие да носи заштитна маска, објасни министерството.

Од друга страна, ако ученик не носи маска нему не смее да му се забрани влез во училница, но директорот за тоа мора да ги извести родителите, и случајот да го пријави на инспекција.

Епидемиолошката ситуација во Словенија во последните недели се влошува, па таа на крајот на оваа недела влегува во „црвена“ фаза, а кон средината на септември во „тено црвена“ според критериумите на Европскиот центар за контрола на болести (ЕЦДЦ), пренесуваат словенечките медиуми.

И покрај тоа, владата за есента и зимата не планира поголеми затворања на општествените и економските активности и образовниот систем бидејќи смета дека со доследна примена на условот „прележани, вакцинирани, тестирани“ состојбата може да се држи под контрола.

Во Словенија во последните денови се пријавуваат по околу 500 случаи на новозаразени дневно.