Генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш нагласи дека претстои хуманитарна катастрофа, споменувајќи ја влошената хуманитарна и економска криза и заканата од колапс во основните служби. Гутереш ги повика земјите -членки на ООН да обезбедат соодветно финансирање за авганистанскиот народ.
„Ги повикувам да придонесат за да обезбедат хуманитарните работници да имаат финансии, да имаат пристап и правни гаранции потребни за да се обезбеди таа помош“, додаде шефот на ООН. Тој потсетил дека на речиси половина од авганистанското население, 18 милиони луѓе, им е потребна хуманитарна помош за да преживеат.
„Секој трет Авганистанец не знае каде да го најде следниот оброк“, рече Гутереш, нагласувајќи дека повеќе од половина од децата на возраст под пет години следната година ќе гладуваат.
Шефот на ООН ги повика сите страни, без експлицитно да ги спомнува талибанците, да обезбедат безбеден и непречен хуманитарен пристап до потребите за живот, како и до сите хуманитарни работници: „Повеќе од кога било, на децата, жените и мажите во Авганистан им треба солидарност на меѓународната заедница “.