– Американското здружение за срце (АХА) наведува дека повеќе од три четвртини од пациентите кои доживеале мозочен удар еднаш, имаат висок крвен притисок. Тоа, како податок од истражувањето од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Бостон, кое ги проучува долгорочните влијанија на вештачки засладените пијалаци. Трудот е објавен во списанието „Строук“ (Мозочен удар).
„Нашиот труд е прв којшто објави и за поврзаноста меѓу дневниот внос на вештачки засладени безалкохолни пијалаци и зголемената опасност од деменција, којашто е причина за Алцхајмеровата болест“, велат истражувачите.
Нивните податоци покажуваат дека 77 отсто од тие луѓе имале крвен притисок од 140/90 милиметри на живиниот столб. Притисок до 120/80 ммжс се смета за нормално, според Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
Според лекарите, за да се избегне мозочен удар, мора да се намали крвниот притисок. А, за тоа, потребна е промена во начинот на јадење и пиење. Меѓутоа, дури и ако се намали вносот на сол и алкохол, постојат и други вообичаени намирници што значат опасност.
Се анализирале скоро 3.000 лица на возраст од над 45 години, преку мерење на вносот на пијалаци. Наодите говорат дека учесниците кои пиеле барем еден сок дневно имаат скоро двојно поголема веројатност да добијат мозочен удар од оние кои не пиеле, како и трипати поголема опасност од исхемичен мозочен удар.
„Нашето истражување дава дополнителни докази што го поврзуваат пиењето вештачки засладени пијалоци со опасноста од мозочен удар, особено исхемичен мозочен удар“, велат истражувачите.
Според нивните наоди, луѓето кои пиеле барем еден вештачки засладен пијалак дневно имале и трипати поголема веројатност да развијат Алцхајмерова болест и деменција, отколку оние кои не консумираат засладени напитоци.
Научниците, сепак, велат дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди зошто постои зголемена опасност и за мозочен удар и за деменција кај оние кои редовно пијат вештачки засладени пијалаци.
Ралф Сако, претседател на Одделот за неврологија при Медицинскиот факултет „Милер“ и Универзитетот на Мајами во Флорида, смета дека главниот проблем е што вештачки засладените пијалаци се продаваат како наводно „поздрави пијалаци“ од оние засладени со шеќер.
– Американското здружение за срце и Американското здружение за дијабетес претпазливо ја потврдија употребата на вештачки засладувачи наместо шеќер во борбата против дебелината, метаболичкиот синдром и дијабетесот. Но, сѐ уште постои неизвесност за придобивките по здравјето, во однос на вештачките засладувачи, рече Сако.
Повеќе поголеми истражувања ги поврзуваат газираните пијалаци со дијабетес тип 2, срцевите и мозочните удари и деменцијата. А, сѐ поголем број епидемиолошки студии покажуваат и силна поврзаност меѓу честата потрошувачка на вештачки засладувачи и васкуларните исходи и дека можеби не е разумно да се заменат природните со вештачките засладувачи.