Таа посочи дека во изминатите неколку месеци МОН спроведе обемен процес за унапредување на квалитетот на средното стручно образование и за доближување на предностите и можностите што ги нуди овој тип на образование – до учениците кои се запишуваа во средно образование во новата учебна година и до оние кои допрва треба да донесат одлука за насоката во која ќе се едуцираат.
– Во дијалог со коморите на бизнис-заедницата, со општините и училиштата, а со голема поддршка од Швајцарската амбасада преку „Учи паметно, работи стручно“ успеавме да ги оствариме целите кои ги имавме поставено, рече Царовска при посетата на „Гоце Делчев“ во Валандово, каде што годинава бројот на ученици запишани во некоја од понудените струки согласно конкурсот за уписи е зголемен во однос на бројот на ученици кои избрале гимназиско образование.
Како што информира МОН, Царовска е задоволна од резултатите во ова училиште, но и во многу други во различни општини каде што максималната посветеност, рече, го дала очекуваниот ефект.
– Во СОУ „Гоце Делчев“ отворивме две дуални паралелки, една со забни техничари и една за машински техничари за компјутерско управување, а има и трета паралелка од земјоделска насока која и покрај тоа што не е дуална ќе функционира како таква, бидејќи во меѓувреме е обезбедена компанија со која училиштето ќе соработува за реализација на практичната настава, информираше Царовска, додавајќи дека во училиштето се запишани вкупно 56 ученици во прва година, од кои 38 во стручно и 18 во гимназиско образование.
Министерката соопшти дека во новата учебна година бројот на дуални паралелки во државата е зголемен на 97 за разлика од минатата учебна година кога имаше само 11 вакви паралелки, во чија реализација на наставата учествуваат компании. Рече и дека во средното стручно образование годинава се запишани 1384 ученици повеќе во споредба со лани, што значи бројот на ученици во стручните училишта е зголемен за 6 отсто.
– Овие податоци ни се доволен аргумент да кажеме дека младите почнаа да ја препознаваат потребата, но и бенефитите коишто им ги нуди средната стручна подготовка. Свесни се дека веднаш по завршувањето на стручното образование ќе бидат подобро подготвени и ќе имаат поголеми можности за брзо вработување, бидејќи компаниите се повеќе бараат квалификуван стручен кадар. Секако, имаат и добра основа за продолжување во високо образование на некој од техничките факултети, рече Царовска, додавајќи дека очекува свеста за важноста на стручното образование уште повеќе да се развие и кај идните генерации полуматуранти.
Како што информира МОН, Царовска истакна дека овие резултати се плод на дијалогот „Учи паметно, работи стручно“ преку кој годинава првпат се креираше уписна политика што им одговара и со учество на сите засегнати страни, со крајна цел намалување на младинската невработеност во државата.
– Ги прашавме компаниите каков тип на кадар им е потребен и ги вклучивме во отворањето на дуалните паралелки, односно во реализацијата на практичната обука на учениците. Паралелно, заедно со општините ги подобривме условите за учење во стручните училишта, а исто така значително ја променивме и политиката на стипендирање средношколци со тоа што воведовме дури 2200 стипендии за ученици кои ќе се запишат во дуални паралелки, со месечен надомест од 3.500 денари, рече Царовска.
МОН посочува дека унапредувањето и промоцијата на средното стручно образование продолжува да биде меѓу врвните приоритети на Министерството за образование и наука и во наредниот период, додавајќи дека политиките за отворање нови работни места со солидни примања, наложуваат се поголема потреба од стручен кадар кој државата мора да го обезбеди.