Фејсбук, Инстаграм, Месинџер и ВатсАп повеќе часови не работат ширум светотшпто предизвика акциите на Фејсбук да паднат за 5,5%.

Таквиот пад не е само поради недостапоноста на сајтот туку и излегувањето во јавност на нивна поранешна вработена која ја обвини компанијата дека наместо за безбедноста, повеќе се грижела за профитот.

Ројтерс: Проблемот е во (DNS)

Откако на сите им стана јасно дека не станува збор за мал проблем, дел до големите светски медиуми тргнаа во „потрага“ по причините за „падот“. Засега, најконкретни во проценките се новинарите од агенцијата Ројтерс.

Од достапните податоци и консултации со експертите, медиумот тврди дека станува збор за проблем со т.н. DNS сервис (Domain Name System). DNS-от им овозможува на веб адресите да ги „однесат“ корисници до посакуваните дестинации. Сличен инцидент од големи размери се случи во јули годинава кога „паднаа“ голем број на интернет страници низ светот, бидејќи „падна“ компанијата која нуди „клауд” простор за интернет страници, Акамаи Технологии.

Ројтерс пишува дека падот на DNS услугата може да се случи поради повеќе причини. Најчесто, станува збор за грешка во конфигурацијата, што пак може да е последица на внатрешна грешка или пак саботажа од вработен во компанијата. Иако не е исклучено, според Ројтерс малку е веројатно дека станува збор за хакерски напад бидејќи за да се „бутне“ Фејсбук со т.н. DoS напад би требало да има координирана акција од повеќе криминални групи или пак примена на особено иновативна техника.

До овој момент, компанијата излезе само со штуро соопштение на една од мрежите кои работат – Твитер. Велат, запознаени се со проблемот и работат на него.

Свесни сме дека некои луѓе имаат проблеми да пристапат до нашите апликации и производи. Се обидуваме да ги вратиме работите во нормала што е можно побрзо и се извинуваме за непријатностите – објавија од Фејсбук на социјалната мрежа Твитер.

Компанијата, сепак, не соопшти никакви детали за тоа во што е проблемот, ниту пак кога може да се очекува да се реши.