– Тоа значи не само побрз проток на возила и олеснување на движењето низ градот, туку и непречено движење без застои што допринесува за намалување на емисија гасови од автомобилите и директна заштита на животната средина и намалување на загадувањето во нашиот град, рече Костадинов.
Првото булеварско решение се протега од крстосницата со булевар “Климент Охридски” до спојот со главната улица кај “Агроберзата”.
-Веќе постои проект за изведба на ова булеварско решение со кое е предвиден коловоз со ширина од 7.5 м во двете насоки и тротоари со ширина од 3 м, од двете страни. Капиталната вредност на овој зафат претставува и планираната изградба на мост преку река “Водочица” со вкупен распон од 14,60 м. Ова траса, како една од главните сообраќајници во Струмица е важна комуникација во овој дел на градот. Дополнително, од суштинска важност е соодветното сообраќајно уредување на влезот на Струмичката меѓуградска автобуска станица, посочи Костадинов.
Вториот, според Костадинов, е изградба на широко габаритен булевар на потегот од кружниот тек кај “Жито Струмица” до “Терминалот”.
-Надлежните институции и органи интензивно работат на подготовка на потребната проектна документација за изведба на ова делница од булеварот “Климент Охридски” со вкупна должина од 1.850 метри, која треба да има две коловозни ленти со ширина од 7.5 метри, одвоени со централен, зелен појас со широчина од 2 метри. Очекувам веднаш по завршување на сите потребни постапки и процедури да започне изведбата на оваа траса, додаде кандидатот Костадинов.
Потенцираше дека навистина зборува за реални проекти, а за тоа потврда е и актуелната работа на терен на третото булеварско решение за регулацијата на поројот „Свети Илија” во чии рамки, во габарит од две сообраќајници паралелни со поројот ќе биде изведен булеварот “23.Октомври” и со оваа капитална инвестиција инфраструктурно се третира овој дел од градот.