На Република Македонија и треба стабилност и предвидливост, а оставката на премиерот Зоран Заев е избрзана, порача денеска првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби на средбата со членот на Управниот одбор на Меѓународниот Републикански Институт (ИРИ), Олин Ветингтон.
Груби и Ветингтон на средбата разговарале за политичката состојба во земјата, со посебен акцент на локалните избори и периодот по нивното завршување.
Како што соопштија од кабинетот на првиот вицепремиер, Груби му порачал на Олин Ветингтон дека на земјата и е потребна стабилност во политиките, наспроти енергетската криза, која се очекува да ја зафати не само Северна Македонија туку и цела Европа. Исто така на средбата се разговарало и за здравствената криза, како и за продолжувањето на разговорите со Бугарија, но и строгото спроведување на Преспанскиот договор.
На крајот на оваа средба, Груби му се заблагодарил на американската ИРИ што и понатаму е силен поддржувач на Македонија на нејзиниот пат кон развојот и интеграцијата во Европската Унија.