Френсис Хауген, поранешна вработена во компанијата, дистрибуираше илјадници документи до 17 медиуми во САД да откријат како работи „Фејсбук“
ВАШИНГТОН —Медиумскиот гигант „Фејсбук“ се соочува со јавна и регулаторна анализа откако беа објавени илјадници страници документи од страна на свиркач кој претходно работел за компанијата.
Што содржат документите од „Фејсбук“?
Френсис Хауген, работејќи како менаџерка во „Фејсбук“, собрала документи и ги дистрибуирала до 17 медиумски организации во САД, кои соработувале на проект индивидуално да објават за нивните откритија.
Медиумските извештаи, објавени во ист ден на крајот на октомври, покажаа дека „Фејсбук“ е фокусиран на профит и зголемување на публиката, додека истовремено игнорирал како луѓето ја користат платформата за ширење омраза и дезинформации во држави во ризик.
Документите покажаа дека „Фејсбук“ потфрлил да направи контрола врз говорот на омраза, провокативна реторика и дезинформации од страна на корисниците во одредени држави.
Кој друг ги доби документите од „Фејсбук“?
Освен што им ги даде на новинарите, Хауген ги сподели документите и со Комисијата за заштита и трговија на САД и со Конгресот. Таа, исто така, сведочеше пред Сенатската трговска комисија и Парламентот на Британија.
Хауген ја користела камерата на нејзиниот паметен телефон за да ги сочува документите.
Зошто се важни документите?
Компанијата имала 2,74 милијарда активни корисници до крајот на септември, според податоците на „Фејсбук“. Тоа во превод значи еден на секои тројца на планетата ја користат мрежата. Компанијата, исто така, ги работи „Ватсап“ и „Инстаграм“.
Како „Фејсбук“ реагираше на документите?
Портпаролот на „Фејсбук“ Мејвис Џонс изјави дека компанијата работи да се стопира злоупотребата на платформата во места каде има повисок ризик од конфликт, и оти разгледува содржина на 70 јазици.
Основачот Марк Закерберг рече дека „Фејсбук“ се соочува со „координиран напор селективно да се користат објавените документи да се прикаже погрешна слика за нашата компанија“.
Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс.