Истражувањето е составено од три дела, во вториот се обработени ставовите за носење заштитна маска, ограничувањата и забраните за организирање настани, ставовите за работата на здравствените институции, работата на министерот за здравство и премиерот на државата како и ставовите за процесот на вакцинација и довербата во вакцините.
Што се однесува до мерките за заштита, според истражувањето, речиси сите испитаници се согласуваат со потребата од носење на заштитна маска во продавници и затворени објекти, додека пак мнозинство од нив, односно 61,6 отсто сметаат дека носење на маска е потребно и на отворено.
Вкупно 70,7 отсто сметаат дека наставата во образованието треба да се спроведува онлајн, а 82,7 отсто сметаат дека се потребни ограничувања во угостителските објекти. Највозрасните испитаници, над 65 години, во најголема мера сметаат дека има потреба од вакви ограничувања. Висока е и поддршката за забрана за свадби и настани во затворен простор која изнесува 85,1 отсто, но и забрана за свадби и настани на отворено застапена со 80,5 проценти.
Истражувањето покажува дека големо мнозинство од испитаниците, односно 73,5 проценти, сметаат дека Владата не реагирала соодветно и навремено при набавката на вакцините. Споредено со земјите во регионот, мнозинство од испитаниците, односно 65 отсто, сметаат дека нивото за вакцинирање во Македонија е под стандардот.
Работата на матичните доктори е оценета позитивно од 81 процент од граѓаните, работата на болниците и Ковид центрите од 68,5 проценти. Иако мнозински, најнизок е процентот на оние кои позитивно ја оцениле работата на Комисијата за заразни болести, односно 54,9 отсто.
Речиси поделена, според истражувањето, е оценката за работата на министерот Филипче односно 51,3 отсто сметаат дека добро ја врши својата работа, а 47,7 отсто сметаат дека работи лошо. Кај премиерот Зоран Заев, побројни се оние кои рекле дека работи лошо, односно 59,7 проценти, а една третина сметаат дека работи добро 36,7 проценти.
Како што информираат од МЦМС, последниот дел од истражувањето ќе биде објавени во текот на оваа недела. Инаку, како што велат оттаму, анкетата за МЦМС ја спроведе М-Проспект. Податоците биле прибирани со телефонска анкета во периодот од 12 до 17 март 2021 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1003 испитаници.