-Четврт век сме самостојна општина. Сами одлучуваме, сами ги дефинираме потребите. Општина Градско е земјоделска општина и затоа акцентот ќе го ставиме на развојот на земјоделието. Но, не само на производството, туку и на преработката, на отворањето преработувачки капацитети на прехранбената индустрија, на извозот, на поддршката на сточарството и млекопроизводството, на производството на квалитетно вино. Имаме се – плодна земја,вредни луѓе и визија. Од нас зависи дали ќе бидеме мудри и претприемчиви, порача градоначалникот Киро Нацков.
Истакна дека е важно младите да се задржат дома и општината да стане пристојно место за живеење, а најави и изградба на храмот „Св. Апостол Павле“, реконструкција на старата Железничка станица, негување на фолклорот, традицијата, обичаите и гастрономијата.
И годинава беа доделени признанија за најдобар основец, средношколец, студент, земјоделец и спортист. Посебно признание му беше врачено на митрополитот Повардарски Агатангел. За најдобар основец беше прогласена деветооделенката од ООУ „Даме Груев“, Бинаса Сулејманова, потоа средношколеците Никола Трендафилов, Фросина Цековска, Петар Стојановски и Филип Филипов и студентот Иле Петровски кој е трета година на Машинскиот факултет при УКИМ во Скопје. За најдобар спортист е прогласен Филип Мирчев, фудбалски голман, а признанија им беа врачени и на земјоделците Богде Терзиов и Раде Колев.