“На сите им посакувам среќен празник! Им препорачувам на оние кои со нетрпение го чекаат своето семејство за Божиќ да направат превентивни тестови и да се изолираат во случај на симптоми. Им благодарам на оние кои ќе не лекуваат и негуваат доколку е потребно. Се грижиме еден за друг“ , објави на Твитер Макрон кој крајот на годината ќе го помине во резиденцијата на француските претседатели Фор де Брегансон на југот на Франција.
Емануел Макрон ја повтори својата порака во видеото објавено денеска на TikTok, мрежа популарна кај младите луѓе. „Дури и ако сте вакцинирани, треба да се тестирате пред да се сретнете со вашите најблиски за да видите дали го носите вирусот“.
„Дури и ако сте примиле две дози или сте биле заразени, бустерот ве штити и значително ги намалува тешките форми на болеста“, додаде тој. „Направете го тоа сега за себе, за вашите најблиски“, повика тој, нагласувајќи дека се е организирано за тоа.
Со приближувањето на Божиќ и појавата на варијантата омикрон во земјата, вчера во Франција имало 84.272 новозаразени со ковид-19, а хоспитализирани се 16.118 лица, од кои 3.147 се во критична состојба, според здравствените служби.
Министерот за здравство Оливие Веран денеска процени дека „до крајот на месецот веројатно ќе надмине 100.000 заразени дневно“.
Соочена со овој бран, владата смета на „одговорноста“ на Французите, ја забрзува кампањата за вакцинација и започна доброволна вакцинација на децата на возраст од 5 до 11 години.
Од почетокот на кампањата за вакцинација, 52 милиони луѓе во Франција примиле најмалку една доза (или близу 78 отсто од населението), но околу пет милиони луѓе не биле вакцинирани.