– Мислам дека резултатот од првиот натпревар не беше реален. Кувајт е добро истренирана екипа, предводена од еден стратег како Борис Дениќ, кој веќе работи таму еден подолг период. Ние трениравме максимално напорно вчера, а дури и денеска наутро. За нашите млади играчи овој натпревар беше едно големо искуство. Задоволен сум од победата, но и да беше поинаку немаше да очајуваме. Имам јасна севкупна слика. Се соочуваме со проблеми со повредени играчи и се надевам дека ќе заздрават побрзо. Продолжуваме со напорната работа, истакна Лазаров.
Тој очекува по празниците формата да се подигне на повисоко ниво.
– Важно е играчите да бидат фокусирани до самиот крај и покажаа карактер, тоа е позитивна работа. Победникот не се знаеше до последната секунда. Видовме како реагираат некои играчи во неизвесни завршници. Имаме време да исправиме доста работи по новогодишните празници. Морам да искажам голема благодарност до Филип Миркуловски, Жарко Пешевски и Филип Кузмановски, кои ни се приклучија веднаш по завршувањето на нивните клупски обврски. По некое непишано правило заслужуваат одмор барем до 2 јануари и тоа само покажува колку се подготвени да се жртвуваат за македонскиот дрес. На крај морам да кажам дека сум задоволен од тоа како момците ги одработија подготовките во Маврово, додаде Лазаров.
Следните тестови на „црвено-жолтите“ во пресрет на Европското првенство 2022, се предвидени во Скопје по Новогодишните празници.