Јавно ќе прифатам дека 95 отсто од нашата историја е „заедничка“, што ќе рече „украдена“ од бугарската, ако некој ми посочи кои се тие 5 отсто, тоа мало парче што Бугарите го признаваат како автентична историја на Македонците, на еден посебен народ со свој идентитет, пишува Бранко Героски во својата колумна за плусинфо.
Имаат ли Македонија и Бугарија заедничка историја?
Има ли воопшто смисла да се води дијалог, или дури и да се преговара на таа тема?
Тврдам дека многу добронамерни луѓе (дипломати, политичари, интелектуалци), кога апелираат Македонија и Бугарија да ги договорат наративите со кои ќе биде дефинирана заедничката историја на двата народа, зборуваат – напразно. Да, можеби тие луѓе се водени од искрени чувства и намери спорот меѓу двете држави да се реши со некаков компромис, но јас и натаму тврдам дека тие луѓе зборуваат напразно, дека нивните флоскули не значат ништо друго освен отфрлање на нужноста да се соочиме со суштината на спорот.
Секако, има начин да се докаже дека јас сум тој што зборува напразно, тој што кине зелени и шири дефетизам. Има начин, се разбира. Еве како.
Ајде малку внимание и логика, ве молам.
Ако се согласиме дека постои заедничка историја меѓу Македонците и Бугарите, сме се согласиле дека постои и посебна историја. Не може еден дел од целото да биде заеднички, без другиот дел да биде посебен. Значи, ако има заедничка, има и посебна бугарска историја и посебна македонска историја.
Ова не е тешко да се сфати, нели?
Како што е познато, Бугарија спори со Македонија – не обратно! – за историските прашања од раниот Среден век до крајот на Втората светска војна. Зборуваме, значи, за период од најмалку 13 векови, ако не и повеќе.
И еве, јас сум спремен да се согласам со тврдењето на Софија дека голем дел од нашата македонска историја е „заедничка“ и јавно да прифатам дека е „украдена“ од бугарската, но само под еден услов – некој да ми посочи барем еден дел од таа многувековна приказна, едно мало парче за кое Софија се согласува дека е автентична македонска историја, не „заедничка“ туку посебна историја на еден посебен народ, со свој посебен идентитет.
Ќе бидам уште појасен и поконкретен.
Еве, барам некој да наведе само една историска личност, од раниот Среден век до првата половина на 20 век, за која бугарските историчари и политичари се согласуваат дека е неспорен Македонец.
Барам да се наведе само една таква личност!
Или, барам да се наведе само еден историски настан за кој Бугарија се согласува дека е посебна, автентична македонска историја.
Или, барам да се посочи само една книга, само еден ракопис, за кој Софија се согласува дека е автентичен македонски.
Во таа долга, тринаесетвековна секвенца од нашата историја, мора да постои барем еден мал дел, барем еден кадар за кој и Бугарите велат – е ова е автентична македонска историја, ова е неспорно македонско и не е ниту заедничко, ниту бугарско.
Како поинаку ќе се согласиме околу нешто? Како ќе постигнеме компромис? Како ќе пронајдеме нешто навистина заедничко?
Јас, за жал, не знам за такво нешто. Не знам за ниту една таква капка во тоа море од историја што Бугарите ја прифаќаат како посебна, како македонска.
Знае ли некој друг?
Мислам дека такво нешто не постои. Имено, Софија не препознава и не признава ништо автентично македонско во историјата. Ништо наше, посебно, со кое ние, денешните Македонци, ќе партиципираме во заедничкото. Нема такво нешто. Њама!
За Софија, таканаречената „заедничка историја“ на Бојко Борисов и на Зоран Заев е бугарска. Не постои посебна македонска историја. Не постои македонски идентитет, освен во неговата појавност по 1945 година, како реализација на проект спроведен од Коминтерната, од Тито, од Ѓорги Димитров …
За Софија, Македонците се „неосвестени Бугари“, македонскиот јазик е србизиран бугарски дијалект, старословенскиот јазик е старобугарски, глаголицата е бугарско писмо, Кирил и Методиј се Бугари, Самуил е Бугарин, сите наши преродбеници и револуционери се Бугари, дури и Никола Тесла и грофот Дракула, кои не се Македонци, се Бугари, а секој 24 мај сите луѓе на светот се Бугари (ова се зборови на претседателот Радев, не мои).
Така е сега, така било секогаш, така ќе биде и во иднина.
Ние би можеле да се согласиме дека 95 отсто од нашата историја е бугарска, но Бугарите нема да се согласат дека 5 отсто е македонска. Зошто? Затоа што Бугарија цврсто стои на становиштето дека Македонци пред 1945 година, едноставно, нема. Њама!
Ете, тоа е суштината на проблемот.
Не постои спор меѓу Софија и Скопје, постои оспорување. Софија ја оспорува самобитноста на македонската нација. Сега ја злоупотребува и својата привилегирана позиција во Европската Унија (правото на вето), за да ги натера Македонија и Македонците самите себе да се негираат, согласувајќи се дека нивната историја е „заедничка“, односно бугарска.
Дури и барањето Бугарите да бидат „запишани“ во македонскиот Устав, со некаков посебен статус, е мотивирано од идејата да се поткрепи тезата за „бугарството“ на македонската нација, а не да се стори нешто добро за малубројната бугарска етничка заедница во нашата земја.
Не знам и јас дали е можно Бугарите да се согласат решение на оваа ситуација да биде еден „асиметричен поглед“ на историјата од двете страни (тезата на Бранко Црвенковски). Тоа е добра идеја, се разбира, но помислувам дека, сепак, Софија нема да прифати такво нешто. Но, јас би одел чекор понатаму од Црвенковски и би рекол дека и не треба премногу да размислуваме за тоа што ќе рече и што може да прифати Софија. Па и премиерот Димитар Ковачевски не треба претерано да се труди да влезе во чевлите на својот бугарски колега Кирил Петков.
Напротив. Дури и да падне договор за кој ќе се рече дека е заемно прифатлив, Бугарија суштински нема да ја смени својата политика кон македонското прашање. Имајте на ум дека Бугарите во двете светски и во двете балкански војни во минатиот век ја избираа страната за која веруваа дека ќе им помогне да го остварат Санстефанскиот сон. И не успеаја.
Та зарем сега, оваа Македонија, оваа независна држава која се декларира и како демократска, зарем оваа земја членка на НАТО со право на глас и со право на вето, ќе прифати да се самоукине во историска и во секаква друга смисла? И за што? За почеток на преговори кои ќе траат најмалку десет години, во кои постојано ќе се соочуваме со нови оспорувања и со нови уцени.
Зарем има Македонец што ќе прифати таков „компромис“?!
Јас мислам дека нашата влада треба да стави точка на неуспешниот проект на Зоран Заев и на Бојко Борисов. Договорот за добрососедство што тие го склучија практично е суспендиран од бугарска страна. Ние не треба да го отфрлиме тој договор, но редно е јавно да се соопшти – операцијата успеа, ама пациентот е мртов.
Македонците живеат со бугарските оспорувања цели седум десетлетија откако создадоа своја држава и многу десетлетија пред тоа. И опстануваат. Мислам дека македонската влада еднаш треба јасно и гласно да објави дека ние знаеме дека со бугарската негаторска политика ќе бидеме соочени и во иднина. И треба јасно да се каже дека ние можеме да живееме со тој факт, можеме софиските аспирации да не ги доживуваме како чин на непријателство и можеме да ги разбереме како внатрешно-политичко прашање на Бугарија, коешто нема да нè спречи да продолжиме да негуваме пријателски и добрососедски односи со таа земја и со бугарскиот народ.
Мислам дека е време македонската влада да објави дека оваа земја останува посветена на евроатлантскиот процес, но македонскиот народ нема намера да се откаже од сопствениот идентитет, чиј составен дел е и нашата, македонска, национална историја. А тоа, се разбира, нема да ја одврати оваа генерација Македонци од желбата да ги продлабочи пријателските односи со Бугарија.
Ова што го кажувам не се празни зборови. Децениите минати од двете страни на железната завеса во времето на Студената војна и споровите поведени по осамостојувањето на Македонија објективно ги замрзнаа односите меѓу двете држави и меѓу двата народа на едно неприфатливо ниво. Има толку многу работи што допрва треба да се сторат за да се подигне тоа ниво, што навистина е штета да се губи време и енергија на преговори кои нема да завршат успешно.
Време е тоа јавно да се соопшти.
Јас не гледам друг начин да се стави крај на ова драмолетка што повремено го парализира политичкиот живот и во Македонија, а не само во Бугарија.
Освен ако некој не мисли дека е подобра идејата на крајот да ги прифатиме позициите на Софија.
Односно, како што предлага перјаницата на сдсмовската пропаганда од „првата борбена линија“ (Тричковски), да се еманципираме „од историјата“ и „целиот тој кош од безвезни цареви, револуционери, будали и хохштаплери, би можеле да го поделиме, да го прогласиме за заеднички или да им го дадеме комплет“. Да ги закопаме сопствените корени, да ја „умреме“ Македонија, да легнеме да спиеме и утре да се разбудиме како Европејци. Или како „освестени Бугари“.
Да, да, има и такви идеи. И овде во Македонија има. Имаме ние антимакедонисти поголеми од Каракачанов. Поголеми од Цола Драгојчева. Добро, не поголеми од Цола, нашите се во трич-димензија, 3/4 цолови.
Нејсе, кога е во прашање „најромантичниот дел од бугарската историја“ (Петар Стојанов), ние Македонците секогаш сме имале такви „генијалци“. И секогаш биле најгласни кога ќе се појавел некаков „историски моментум“. Но, бидете без грижа. Ќе мине и овој „моментум“ и пак ништо спектакуларно нема да се случи.
Од Македонците не бидува Бугари. Ова што сега го трпиме е последниот обид да воскресне стариот проект за докажување на „бугарството“ на Македонија и на Македонците, овој пат со европска поддршка. Откако и тоа чудо нема да успее – а нема, јасно е тоа – и тој обид ќе стане историја.
Е тоа навистина ќе биде една заедничка историја. Нималку романтична, обаче, пишува Героски во колумната.