-Поминаа три месеци од кога МВР нема ниту регистарски таблици за возилата што се во процес на регистрација. И за да не биде сето ова доволно, министерството нема ниту егземплари за печатење на возачки дозволи и на граѓаните што аплицираат им се издава потврда во хартија. Последниве денови се добиваат информации дека во некои училишта нема ниту сведителства за учениците. А во исто време, Северна Македонија беше единствената држава која што во рок од два или три дена им имаше обезбедено секаков вид на документација на најголемите криминалци и главешините на мафијата од регионот и светот, велат од опозициската коалиција.
Но, проблемот не завршува тука, смета партијата.
-Сега се предвидува да започне вистинската голгота. Во следните недели се очекува да пристигнат иселениците, а како што е до сега известено, многумина од нив имаат документи со истечена валидност. Како и во многу други случаи и овој пат, поради неспособноста на институциите, на иселениците не им се обновиле документите во амбасадите. Сега, тие дури и во нивната татковина ќе се соочат со недостиг на документација и со фамозното паѓање на системот. За ова, уште сега предупредуваме и ќе ве потсетиме кога ќе дојде денот. Немојте да кажете дека напливот ве изненади, но, признајте дека сте неспособни и корумпирани и дека сте во служба само на криминалците, се вели во реакцијата на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.