Во источногерманската сојузна покраина Саксонија-Анхалт утрово се отворени избирачките места, на кои околу 1,7 милиони гласачи избираат нов состав на покраинскиот парламент. Според последните анкети, се очекува убедлива победа на десничарската Алтернатива за Германија (АфД).
АфД, која во таа сојузна покраина е означена како противуставна организација, според анкетите може да смета на поддршка од околу 40 отсто од гласачите. На второ место е Христијанско-демократската унија (ЦДУ) со 23 отсто на премиерот Свен Шулце.
На третото место е Левица со 11 отсто, пред Социјалдемократската партија на Германија (СПД) со осум и Зелените со шест отсто.
Според анкетите, останатите партии, меѓу кои и левичарскиот Сојуз „Сара Вагенкнехт“ (БСВ) и Либерално-демократската партија (ФДП), не би го минале изборниот праг од пет отсто.
АфД со својот главен кандидат Улрих Зигмунд, цели на освојување апсолутно мнозинство и избор на прв покраински премиер од редовите на таа партија.
Бидејќи ФДП најверојатно нема да го мине изборниот праг, продолжувањето на актуелната владејачка коалиција составена од ЦДУ, СПД и ФДП не е извесно.
Со оглед на тоа што сите партии со изгледи да го минат изборниот праг ја отфрлаат соработката со АфД, како една од можностите по изборите се споменува коалиција на ЦДУ, СПД и Зелените, која би ја поддржала Левица.
Во саботата во главниот град на покраината, Магдебург, беа одржани собири за поддршка на демократијата, на кои повикаа синдикатите и различни граѓански иницијативи.
Магдебуршкиот бискуп на Католичката црква, Герхард Фајге, изрази загриженост за изборниот исход, пред сè поради силната поддршка за АфД.
„Луѓето повторно лесно се заведуваат и тоа ме плаши… останувам без зборови кога гледам како се потценува опасноста што доаѓа од АфД“, изјави Фајге во разговор за весникот „Аугсбургер алгемајне“.
Избирачките места се затвораат во 18 часот, а првите привремени резултати се очекуваат во текот на ноќта.
