Рускиот претседател Владимир Путин нареди тридневен прекин на огнот во Киев, кој треба да почне на полноќ по локално време. Одлуката се однесува исклучиво на украинскиот главен град, а не и на остатокот од земјата, и е донесена во пресрет на посетата на американската делегација на Киев.

Кремљ ја соопшти одлуката откако специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и претседателскиот зет Џаред Кушнер пристигнаа во Москва на разговори за запирање на војната.

Американската делегација попладнето пристигна во Кремљ, каде што Виткоф и Кушнер биле видени на средба со Путин, покажуваат снимките што ги објави руската државна новинска агенција РИА Новости.

Поздравувајќи ги гостите, Путин се осврна на предизвиците со кои се соочуваат разговорите и изрази благодарност до американскиот претседател.

„Ситуацијата што треба да ја разгледаме денес, се разбира, не е едноставна. Но, пред да започнеме, би сакал да ве замолам да ги пренесете моите најдобри желби и зборови на благодарност до претседателот на Соединетите Американски Држави, г-дин Трамп“, рече Путин.

Од Кремљ нагласија дека прекинот на огнот, кој ќе започне на полноќ по локално време, ќе важи само за Киев, но не и за другите делови од Украина.

„Тоа е поврзано со подготовката и одржувањето на контактите на Американците во Киев“, потврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

По посетата на руската престолнина, Виткоф и Кушнер треба да отпатуваат во Киев. Тоа ќе биде нивна прва посета на украинскиот главен град.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека разговарал со Виткоф и Кушнер и дека Украина е подготвена да ги запре нападите врз Москва до понеделник.

„Тукушто разговарав со претставниците на американскиот претседател. Тие веќе почнаа да работат со руската страна денес. Од сега до крајот на саботата, како и во недела и понеделник, Украина е подготвена да се воздржи од напади врз Москва, а очекуваме и Русите да го сторат истото кога станува збор за Киев“, рече Зеленски.

Во пресрет на планираните разговори во Киев, украинскиот претседател изрази оптимизам за претстојната средба со американските претставници.

„Ги чекаме Стив Виткоф и Џаред Кушнер и сме подготвени за значаен разговор“, додаде Зеленски.