Крајнодесничарската Алтернатива за Германија поднесе кривична пријава против германскиот канцелар Фридрих Мерц поради неговата изјава дека партискиот концепт за „ремиграција“ претставува етничко чистење. Од АфД сметаат дека канцеларот ја преминал границата на дозволеното со зборовите што ги употребил за време на дебата во Бундестагот.
Поднесувањето на пријавата го потврди високиот функционер на АфД и пратеник во германскиот парламент, Штефан Бранднер.
„Наводот дека пратеничката група на АфД – која цврсто се залага за германскиот Устав – се залага за етничко чистење, што во крајна линија значи протерувања и убиства, е толку јасен што правосудството мора да реагира“, изјави Бранднер.
Мерц спорната изјава ја даде во средата, за време на парламентарна дебата. Тој рече дека „ремиграцијата“ е „синоним за етничко чистење врз основа на потеклото и бојата на кожата“.
Германскиот канцелар истовремено оцени дека построгата миграциска политика за која се залага АфД би имала негативни последици врз економијата на Германија.
Случајот има и правна димензија поради имунитетот што го уживаат пратениците. Според член 46 од германскиот Основен закон, тие вообичаено се заштитени од правни постапки за изјави дадени во парламентот, но оваа заштита не важи за клеветнички навреди.
Бранднер оценува дека изјавите на Мерц ја надминале дозволената граница и дека би можеле да имаат кривично-правна релевантност.
Мерц досега не ја коментирал кривичната пријава. Неговиот кабинет за односи со јавноста не одговорил веднаш на барањето за коментар.
Поимот „ремиграција“ АфД го користи за враќање или депортирање мигранти за кои партијата смета дека немаат право да останат во Германија. Концептот може да се однесува на депортација на лица без регулиран статус, но се употребува и во поширок контекст што опфаќа масовно отстранување мигранти и нивни потомци.
АфД во својата изборна програма за германската покраина Саксонија-Анхалт има посебно поглавје посветено на „имиграцијата и ремиграцијата“. Партијата неодамна оствари убедлива победа на покраинските избори.
