Tруење со храна било пријавено во детско одморалиште во Охрид, пренесува Mtm.mk.

Како што информираа од Агенцијата за храна и ветеринарство, уништени биле повеќе од 200 килограми храна, која не одговарала на одредбите на Законот за безбедност на храната.

Директорот на Агенцијата за храна, Николче Бабовски, за „Макфакс“ потврди дека труењето било на 18 јули оваа година во детско одморалиште во Охрид, чие име од етички причини не се открива.

Веднаш било постапено по пријавата, информира Бабовски, и кујната била запечатена.

„Кујната беше затворена речиси десет дена, сѐ до добивање на резултатите, а економскиот оператор за тоа време си најде друг начин на обезбедување храна“, истакна Бабовски.

Објасни дека повеќе деца биле затруени и биле примени на лекување.

Агенцијата, како што рече Бабовски, постапила по сите протоколи и во соработка со сите надлежни институции биле преземени сите мерки за постапување во случајот.

За среќа, како што вели првиот човек на Агенцијата за храна, биле отстранети недоследностите и сѐ завршило добро.

Тој предупредува дека особено во летниот период треба да се внимава на месото и млечните производи, кои се лесно расипливи, појаснувајќи дека тие мора внимателно да се чуваат и да се приготвуваат.